Македонија

Израелски и македонски хирурзи извршија 16 операции на повредените од трагедијата во Кочани

Израелски и македонски хирурзи извршија 16 операции на повредените од трагедијата во Кочани

Грижата за повредените во трагедијата во Кочани продолжува и по завршувањето на болничкото лекување, а новите медицински интервенции се насочени кон подобрување на функцијата и подвижноста на повредените екстремитети. Во соработка со хируршки тим од израелскиот медицински центар „Шеба“ од Тел Авив, македонските лекари извршиле 16 операции и 24 специјалистички прегледи.

Ова го соопшти министерот за здравство Сашо Клековски, кој на денешната прес-конференција ги презентираше резултатите од посетата на израелските специјалисти.

Од вкупно 16 оперирани пациенти, 10 се мажи, а шест се жени. Шест операции биле извршени на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје, меѓу кои и петте најсложени интервенции, додека останатите десет биле реализирани во Општата болница во Кочани.

Главниот фокус на израелскиот тим бил насочен кон шаките и рацете, со цел да се подобри нивната функција. Интервенциите опфатиле отстранување и ревизија на лузни, ослободување на контрактури, Z-пластика, како и трансплантација на кожа со полна дебелина.

Клековски нагласи дека институционалната грижа за повредените нема да заврши со операциите, туку ќе продолжи преку редовни контроли, дополнителни медицински интервенции и рехабилитација.

„Здравствените власти се тука на долги патеки. Грижата за повредените во Кочани не заврши со болничкото лекување. Таа продолжува со операции, контроли и рехабилитација. Им благодарам на колегите од медицинскиот центар „Шеба“. Д-р Харац и д-р Канфино Кац беа со нас и веднаш по трагедијата, а сега се вратија за да продолжат да помагаат“, изјави министерот.

Директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, информираше дека продолжува следењето на пациентите оперирани во Скопје. Од Општата болница во Кочани, директорката д-р Катерина Мирчовска посочи дека пациентите оперирани таму ќе ги продолжат контролите во близина на местото на живеење.

Во координацијата на здравствената грижа е вклучена и работната група на Министерството за здравство. Д-р Гордана Георгиева објасни дека таа ги усогласува активностите поврзани со потребите на секој повреден, почнувајќи од категоризацијата на повредите, па сè до изработката на индивидуални планови за рехабилитација.

Клековски истакна дека соработката со израелските хирурзи овозможила пациентите да добијат специјализирана медицинска помош, а македонските лекари да стекнат дополнително искуство кое ќе остане во домашниот здравствен систем.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни