Драматично сведочење за настаните што му претходеле на трагичниот 2 март, кога Ивана и малолетната Катја го загубија животот по пад од балкон, денеска изнесе сведокот Мартин Саздов во Кривичниот суд во Скопје. Тој во детали ги опиша последните часови, наведувајќи дека претходеле физичко насилство, закани и обиди за пријава во полиција.
Саздов изјави дека Ивана, непосредно пред трагедијата, повикала полиција во близина на судот за да пријави дека Стојанче ја напаѓа. По пристигнувањето, полицијата разговарала со двајцата, но, според сведокот, им било кажано „да си го решат проблемот“. Дополнително, Ивана добила предупредување дека доколку повторно пријави, може да се соочи со пријава за „лажно пријавување“.
Сведокот посочи дека и самиот претходно се обидел да пријави насилство во полициска станица, но бил одбиен со зборовите „кој си ти да пријавуваш“. Тој нагласи дека Ивана била во тешка финансиска состојба, тврдејќи дека обвинетиот ѝ ги земал парите, па дури и храната што ја купувала за детето ја фрлал.
Во сведочењето беа изнесени и детали за 1 март, ден пред трагедијата, кога Ивана му испратила порака со молба за помош. Следното утро, Саздов ја посетил на работното место, каде разговарале за нејзината состојба и стравовите.
Тој раскажа дека набрзо потоа Ивана го повикала исплашена, кажувајќи дека Стојанче е дојден и дека ја напаѓа. Кога пристигнал, сведокот тврди дека го затекнал како ја тепа, по што се обидел да го оттурне. Според него, насилството продолжило и во автомобилот, каде обвинетиот ја удирал и давел Ивана, додека таа седела на задното седиште.
По пристигнувањето во близина на судот, Ивана повторно се обидела да побара помош, јавувајќи се на бројот 192. Саздов сведочеше дека, и покрај тоа, полицијата повторно не презела конкретни мерки, туку ги предупредила.
Во продолжение, тројцата заминале кон станот, каде Ивана инсистирала прво да ја земат ќерката од училиште. За време на патувањето, според сведокот, обвинетиот ја навредувал и ѝ се заканувал пред детето.
Саздов изјави дека во станот Ивана побарала неколку минути сама со Катја. По кратко време, тој и Стојанче се симнале пред зградата. Тогаш, како што рече, Ивана го повикала обвинетиот на видео повик од терасата, држејќи ја Катја во раце.
„Ја видов Ивана како стои со Катја во раце на терасата и одма сфатив што ќе направи. Викнав ‘Ивана немој да си направила глупост’ и почнав да трчам, но веднаш потоа слушнав силен удар“, сведочеше Саздов.
Тој додаде дека веднаш истрчал и ги затекнал Ивана и Катја како лежат на земја, по што побарал помош. Според него, обвинетиот во тој момент избегал од местото на настанот и не се обидел да им помогне.
Саздов истакна и дека Ивана самостојно се грижела за сите финансиски обврски, вклучително и за кредитот за станот, додека обвинетиот не придонесувал за издршката на семејството.