Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, во денешната изјава обвини дека Владата некоректно ги запира средствата за македонските општини, додека албанските општини добиваат поддршка за финансирање на Албанската академија на науки.
Тој истакна дека во 2022 и 2023 година, Карпош добил 15 милиони денари помалку за образование, што доведува до неможност за плаќање на сметките за струја во училиштата.
„Ова е срамно од една влада што дојде на власт со антиалбанска реторика, ветувајќи брда и долини, но, се однесува крајно некоректно токму кон македонските општини и настојувајќи целосно да ги запре средствата што е должна со закон да ги исплаќа и како што гледате средства што се предвидени, постојано ги намалуваат, а тоа што е најважно е дека трошоците во училиштата како што знаете и самите, само се зголемуваат. Коректно е од министерката да каже, „немаме средства, знам дека недостасуваат средства, се надевам дека со новиот буџет за 2025 година ќе најдеме средства за Карпош да не должи за затоплување и за други потреби што ги имаат училиштата“. А, крајно некоректно е да кажеш вицкасто дека градоначалникот е способен – ќе се снајде. Сметам дека тоа се некоректни изјави и некоректен однос од влада што се претставува за народна“, додаде Јакимовски.
Тој бара Владата да ги покрие трошоците од 8,3 милиони денари за греење на училиштата, бидејќи во Скопје осум основни училишта веќе почнаа учебната година без парно греење.
Министерката за образование, Весна Јаневска, одговори дека парите за греење се исплатени на општините, но останува на градоначалниците да организираат средства.