Министерката за образование, Весна Јаневска, потврди дека парите за греење во основните училишта се исплатени на сите општини. Оваа изјава дојде откако градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, изрази загриженост дека грејната сезона нема да започне за осумте основни училишта во неговата општина поради недостаток на средства за покривање на долговите за греење.
Јаневска е оптимист дека градоначалникот, кого го смета за способен, ќе пронајде решение. Според неа, Министерството за образование веќе исплатило блок-дотации на општините и дека е на градоначалниците и директорите на училиштата да организираат како да го спроведат греењето.
„МОН дава блок-дотации на општините. Ние блок – дотациите ги исплативме на општините и нема што дополнително да даваме. Организација на градоначалниците, училиштата и директорите е како ќе се организираат за да ја спроведат не само грејната сезона туку сè друго што треба. Ова, и ако го упатил до Министерството, не е прашање што треба да се упати до Министерството. Очекувам сите училишта да имаат греење затоа што е невозможно да се учи без греење. Верувам дека градоначалникот, кој е многу способен, ќе најде начин да ги затопли училиштата“, вели Јаневска.
Градоначалникот Јакимовски, синоќа на прес-конференција, предупреди дека грејната сезона, која започнува денес, нема да се реализира за училиштата во Карпош и побара Владата да покрие трошоци од 8.3 милиони денари. Тој истакна дека блок-дотациите не се доволни и дека минатата година општината сама одвоила 6 милиони денари за овие трошоци, иако не е законски обврзана да го прави тоа.