Промената на животниот стил, амбициите и желбата за полагоден живот се дел од причините за намалениот број бракови и сè полошата демографска слика во земјава. Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, осврнувајќи се на предизвиците со кои се соочува општеството.
Според Јаневска, трендот на намалување на бројот на бракови и раѓања не е присутен само кај нас, туку е глобален феномен предизвикан од новиот начин на живот, променетите улоги во семејството и избегнувањето одговорност.
Таа нагласи дека економските фактори и вработеноста се само дел од сложениот мозаик.
„Не можеме да се мешаме во личните одлуки на луѓето, но факт е дека имаме лоша демографија. Кога би имале поголем број раѓања, немаше да се соочуваме со празни училници и потреба од оптимизација во образованието. На државата ѝ се потребни млади луѓе кои утре ќе бидат дел од општеството и ќе го градат“, порача министерката.