Јужните предградија на Бејрут беа мета на два израелски воздушни напади утринава, по повик за евакуација од Израел, јави либанската национална новинска агенција (ННА).
„Непријателски авион утринава изврши два напада врз јужните предградија на Бејрут, од кои едниот погоди станбена зграда во Харет Хреик, во близина на џамија и болница“, соопшти агенцијата.
На ударите им претходеше повик за евакуација што Израел го упати за жителите на две населби во јужните предградија во очекување на напад на две згради во кои, како што тврди израелската армија, се наоѓаат инсталации на Хезболах.
„Вие сте во близина на објекти поврзани со Хезболах против кои наскоро ќе дејствуваат израелските одбранбени сили“, се вели во предупредувањето, пренесе Франс прес.
Нападите уследија по нападот со беспилотно летало во саботата, чија цел беше приватната резиденција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Цезареја, централен Израел. Во нападот нема жртви.
„Хезболах, сојузник на Иран, кој се обиде да ме убие мене и мојата сопруга направи голема грешка“, изјави синоќа Нетанјаху.
Од средината на септември, по една година прекугранични престрелки, израелската војска започна интензивни воздушни напади против проиранската организација Хезболах во Либан, заедно со копнена офанзива на југот на земјата на последниот ден од минатиот месец.