Обвинителите во Јужна Кореја побараа смртна казна за поранешниот претседател Јун Сук-јол ако биде прогласен за виновен за неуспешниот обид за воведување на воена состојба.
Судот во Сеул го слушаше финалниот збор по случајот против Јун, кој е обвинет дека бил „лидер на востание“. Обвинението произлегува од неговиот обид во декември 2024 година да воведе воена состојба во Јужна Кореја — потег што траеше само неколку часа, но ја доведе земјата во длабока политичка криза. Потоа тој беше импичментиран од парламентот и притворен за да се соочи со судот.
Јун ги негира обвиненијата, тврдејќи дека прогласувањето на воена состојба било симболичен гест со цел да се привлече вниманието на јавноста кон злоупотребите на опозициската партија. Обвинението за водење востание — најтешкото обвинение против него — се казнува со смрт или доживотен затвор, а според јужнокорејското законодавство, обвинителството е должно да побара едно од двете казни при вакво злосторство.
Јужна Кореја не извршува смртни казни речиси 30 години. Во 1996 година, поранешниот воен диктатор Чон Ду-хван беше осуден на смрт за преземање на власт со воен удар во 1979 година, но подоцна казната му беше заменета со доживотен затвор, пренесе Би-Би-Си.
Прокурорите тврдат дека иако при обидот за воведување воена состојба никој не загинал, намерите на Јун не биле помалку насилни. Во судот беше сослушан воен командант кој сведочеше дека Јун наредил апсење на пратеници. Како доказ беше презентирана и белешка, изготвена од еден од организаторите на планот за воена состојба — поранешен воен офицер — во која се предлага „ликвидирање“ на стотици лица, вклучувајќи новинари, синдикални активисти и пратеници.
Процесот против Јун за востание е споен со случаите против уште двајца високи претставници на неговата администрација — поранешниот министер за одбрана Ким Јон-хјун и поранешниот началник на полицијата Чо Џи-хо. Судската пресуда и евентуалната казна за Јун и другите обвинети, доколку бидат прогласени за виновни, се очекуваат на подоцнежен датум, а широко се претпоставува дека тоа ќе биде во февруари.
Јун е во притвор со месеци и се соочува со повеќе кривични случаи. Минатиот месец обвинителството побара казна од 10 години затвор за него по обвиненија за попречување на правосудството и други дела поврзани со обидот за воведување на воена состојба.
