Македонија

Како Македонија го воведуваше денарот? Трпески открива со какви дилеми се соочувала државата

Како Македонија го воведуваше денарот? Трпески открива со какви дилеми се соочувала државата

Првите денови по осамостојувањето на Македонија биле исполнети со низа институционални и економски предизвици, меѓу кои и воспоставувањето на сопствен монетарен систем. Поранешниот гувернер на Народната банка, Љубе Трпески, во специјалното отворено студио на 4ТВ по повод 35 години независност, се осврна на чекорите што требало да се преземат за функционирање на државата како самостоен економски субјект.

Тој посочи дека меѓу првите задачи биле утврдувањето на граничните премини, воведувањето царински систем и воспоставувањето на платниот промет.

Но, според Трпески, еден од најголемите предизвици бил воведувањето на сопствената валута – денарот.

Причината за тоа, како што објасни, било присуството на Југословенската народна армија на територијата на Македонија.

„Најголемиот проблем за воведувањето на валутата беше што југословенската народна армија сè уште беше тука“, посочи Трпески.

Во тие околности се поставувало прашањето како ќе се исплаќаат платите на офицерите на ЈНА и дали тие ќе примаат денари или југословенски динари.

Дополнително, постоела и дилемата дали воведувањето на сопствената валута би можело да доведе до воспоставување двовалутен систем.

Трпески потсети дека сите овие прашања морале да се решаваат во исклучително сложен период, кога Македонија практично ги поставувала основите на сопственото независно економско функционирање.

Во исто време, државните институции работеле на создавање систем кој требало да овозможи непречено функционирање на економијата по издвојувањето од југословенскиот монетарен и финансиски систем.

Воведувањето на денарот затоа не било само техничко прашање, туку и важен чекор во заокружувањето на македонската државност.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни