Новото декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост вечерва беше пуштено во употреба. На настанот присуствуваа градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на турската Општина Есенлер, Мехмет Тевфик Гоксу.
Проектот произлезе од Протоколот за пријателство и соработка меѓу Град Скопје и Општина Есенлер, соопштија од Градот.
Ѓорѓиевски истакна дека новото осветлување ги нагласува сводовите на мостот и посочи на важноста од зачувувањето на градските обележја.
„Секое обновено обележје е почит кон оние што ни го оставиле и влог за оние што доаѓаат по нас“, изјави Ѓорѓиевски.
На свеченоста присуствуваа и амбасадорот на Турција, Алпер Акташ, извршниот директор на „Халк банка“, Фатих Шахбаз, и почесниот конзул Ајдован Адемоски.
Градоначалникот им се заблагодари на Општина Есенлер, на „Халк банка“ и на Адемоски за поддршката и придонесот во реализацијата на проектот, оценувајќи го како пример за соработката меѓу Македонија и Турција.