Се пожали на политички притисоци, па сега и се заканува разрешување. За претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која побара помош од американската амбасада, член на советот покренал иницијатива за разрешување, пишува МКД.мк.
Можната причина за ова е недоаѓањето на седници на Судскиот совет.
Според извори на МКД.мк на тоа кумувале висок владин и партиски функционер на ДУИ и висок партиски функционер на СДСМ кои се обиделе да извршат влијание, судијката Беса Адеми да биде разрешена од функцијата, додека пак претседателот на Советот ни ја потврдува, ниту пак ја демантира оваа информација.
Порталот додава и дека на партиите од власта не им се допаднало тоа што Адеми јавно признала дека политиката „секогаш има потенцијал да користи влијанија на различни начини“ и дека „секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и во овој правец да се користат дури и лажни вести“
Од Врховниот суд пак велат дека за иницијативата дознале од медиумите и дека, ако истата постои, претседателката Беса Адеми не добила никакво известување од Судскиот совет за нејзино евентуално разрешување.
Инаку, за една година Судскиот совет два пати го смени мислењето затоа што ова не е прва иницијатива за утврдување одговорност против Адеми. Минатата година во декември, Судскиот совет веќе расправаше по покрената постапка, но одлучи истата да се прекине и да се отфрли како неоснована.
Извор: МКД.МК