Ќе остане ли ОТА без директор? Мандатот на Ангеловски истекува утре

Директорот на ОТА Зоран Ангеловски вчера закажа прес-конференција, која требаше да се одржи денеска пред Собранието, но изутринава настанот беше откажан. Мандатот на Ангеловски истекува утре, а во денешното соопштение на ОТА се наведува дека прес-конференцијата се одложува поради итни и неодложни работи.

-Поради итни и неодложни работи најавената прес конференција на директорот на ОТА пред Собранието на Република Северна Македонија во 11:00 часот се одложува на неопределено време, се наведува во денешното соопштението на ОТА.

Ангеловски за прв човек на Оперативно-техничката агенција (ОТА) беше избран во Собранието во 2018 година со 83 гласа „за“. Мандатот на директорот на ОТА, која е посредник во прислушувањето меѓу операторите и корисниците трае пет години, без право на повторен избор.

На вчерашната собраниска седница пратениците ја изгласаа одлуката за објавување јавен оглас за избор на директор на ОТА.
Согласно Законот директорот на ОТА го избира и разрешува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во на предлог на собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Ангеловски неодамна предупреди дека доколку ОТА остане без директор, тоа ќе создаде правен вакуум во раководењето со институцијата.
ОТА беше формирана во рамки на реформите во безбедносно-разузнавачкиот систем, по препораките на Прибе со цел да се спречат злоупотреби во следењето на комуникациите, по скандалот со масовното прислушување. Како резултат на реформите се формираа Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и ОТА, која ги презеде надлежносите врз опремата и уредите за следење на комуникациите.