Шестидеесет и петгодишна жена во Куманово останала без 30.000 евра по примен телефонски повик. Таа поверувала на измамник кој се претставил како полициски службеник и ја убедил дека нејзината ќерка била вклучена во сообраќајна незгода, во која прегазила дете. Според измамникот, за да ја избегне кривичната одговорност, жената требала да плати голема сума пари.
Според извештајот од СВР Куманово, настанот се случил вчера во 14:30 часот, кога 65-годишната жена пријавила дека била измамена од непознато лице и му предала 30.000 евра.
„Измамникот се јавил на телефон, претставувајќи се како полициски службеник, и ја известил жената дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна незгода во која прегазила дете мигрант, и ќе треба да плати одредена сума пари за да не биде кривично гонета. Таа ги однела парите на договореното место, а подоцна, кога се слушнала со ќерка си, сфатила дека е измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти полицијата.
Иста ваква измама беше пријавена и од тројца други пензионери, кои во текот на вчерашниот ден претрпеле оштетувања од 250.000 денари, користејќи ја истата тактика.
Во текот на 2024 година во Куманово биле регистрирани две измами поврзани со сообраќајни несреќи. Полицијата апелира на повозрасните лица да бидат особено внимателни кога ќе им се јавуваат непознати, да не им веруваат на лажни услуги и да пријават секој сомнителен случај на телефонскиот број 192.