Кина воведува царини за група млечни производи од Европската унија, почнувајќи од 13 февруари, соопшти Министерството за трговија во четврток, значително намалувајќи ги таксите во однос на привремената одлука.
Новите царински стапки за европските млечни производи од петок ќе се применуваат во опсег од 7,4% до 11,7%, во зависност од компанијата, се наведува во соопштението на министерството.
Тоа значи дека Кина одредила царински стапки значително пониски од привремените такси воведени во декември, кои се движеле од 21,9% до 42,7%.
Царините ќе се применуваат во наредните пет години на одредени видови свеж и преработен сир, како и на млеко и павлака со поголем удел на масти, кои главно се наменети за човечка исхрана, се додава во соопштението.
Листата покажува дека новите царини ќе се наплатуваат на компании од Германија, Франција, Белгија, Холандија, Шпанија и Италија.
Од летото 2024 година, кинеското Министерство за трговија ја истражувало млечната индустрија поради наводни неправедни субвенции. Истражувањето ги потврдило сомнежите, при што портпаролот на министерството истакнал дека истражувањето било спроведено во согласност со принципите на правичност, непристрасност и отвореност.
Министерството заклучило дека млечните производи од ЕУ биле субвенционирани, што според нивното мислење му нанесло штета на кинеските производители.
