Македонија

Китановски: Пожарот во Пехчево е ставен под контрола, за негово гаснење вклучени се три хеликоптери

Китановски: Пожарот во Пехчево е ставен под контрола, за негово гаснење вклучени се три хеликоптери

Градоначалникот на Пехчево, Александар Китановски вели пожарот што избувна вчера над градот Пехчево, е ставен под контрола, а за негово целосно гаснење утрово вклучени се и три хеликоптери.

-Во текот на вчерашниот ден беше зафатен појас над село Негрево кој се прошири и во атарот над Пехчево каде гореше високостеблеста борова шума и се јавија големи пламени јазици на кои немаше можност да делува човечка сила. Имавме помош во вчерашниот ден од ер-трактори. Во комуникација со ЦУК и директорот Стојанче Ангелов кој беше вчера на терен, добивме целосна поддршка за локализација на теренот. Огнениот појас се движеше некаде околу 10 километри, гореше во атарот на село Негрево со колку што можевме со човечки сили го спречувавме пожарот да не се спушти накај Пехчево, рече Китановски за МИА.

Напорите за справување со огнената стихија траеле и во текот на ноќта, целата ноќ имало дежурни екипи на терен, а состанок одржал и Кризниот штаб при што постигната е координација за денешните активности на терен додаде Китановски.

-Во доцните часови одржавме состанок со Кризниот штаб каде беа прецизирани мерките за почеток на денешниот ден. Во координација со Дирекцијата за заштита и спасување, гранична полиција, противпожарните единици од околните градови и доброволни противпожарни друштва мислам дека денес координацијата е добра и на терен се делува добро и превентивно. На одредени места кај што имаше пламени јазици пожарот е локализиран, а на некои места повторно се разгорува, вели градоначалникот Китановски.

Договорено е со директорот на ЦУК Стојанче Ангелов ангажирање на три хеликоптери.

-Во утринските часови, како што беше договорено вчера со директорот на ЦУК, добивме и воздушна поддршка со три хеликоптери, благодарение на кои пожарот се става под контрола и може да делува човечка сила. Гори високостеблеста борова шума пламените јазици се дигаат по 30, 40, можеби и 50 метри, така што е невозможно човечка сила да делува. Хеликоптерите ќе бидат во текот на наредните часови тука и ќе помогнат во гасењето. Се надевам дека за неколку часови пожарот ќе биде локализиран. Сепак, тоа е природна непогода, се е во божји раце, се надеваме дека со помош на ер-тракторите и на хеликоптерите ќе биде ставена под контрола, вели Китановски.

Доброволци во гасењето на пожарот се вклучени од повеќе градови како и од месното население. Тој проценува дека има над 150 луѓе кои се на терен, а помагаат и од неколку доброволни друштва. Очекуваат помош и од специјалните сили од Скопје, а апелираат на помош и од граѓаните од околните населени места.

-Мислам дека никој не остана рамнодушен на пожарот, бидејќи ние знаеме пред три години имавме таков катастрофален пожар, можам да кажам дека и оваа година, вчера и денес овој пожар е дури и поголем, рече Китановски.

Китановски вели дека во меѓувреме, поради алармантната состојба со пожарот во околината на Пехчево, од синоќа е отворен пункт за донирање вода и храна за пожарникарите кои учествуваат во гаснењето на пожарот. Пунктот се наоѓа во Домот на културата во Пехчево, а апелот на надлежните е сите коишто се во можност можат да донираат, се со цел да им се пруми поддршка на учесниците во неговото гаснење.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни