Македонија

Кочани во тага – комеморација за жртвите од „Пулс“ на Петровден

Кочани во тага – комеморација за жртвите од „Пулс“ на Петровден

Денеска, со почеток во 16:30 часот, во салата на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани ќе се одржи комеморација во чест на загинатите во трагедијата во клубот „Пулс“, што се случи на 16 март годинава. Настанот е организиран од Општина Кочани, со поддршка на Црвениот крст, и е отворен за сите граѓани кои сакаат да оддадат почит на младите животи што трагично згаснаа.

Во пожарот кој избувна за време на прослава во ноќниот клуб „Пулс“, животите ги загубија 62 лица, претежно млади, а околу 200 беа тешко повредени. Освен нив, животот го загуби и возачот на итната медицинска помош, кој непосредно по извршување на работната задача, почина како последица на преголемата изложеност на стрес и напор.

В.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, преку статус на социјалната мрежа „Х“ информираше дека иако претходно била договорена и организирана целосна забавна и музичка програма по повод празникот Петровден – денот на градот, истата е откажана.

– Оваа година, Петровден го одбележуваме со длабоко чувство на тага и незаборав. Во консултација со родителите и семејствата на загинатите, решивме да се откажеме од веселбата. Тие ја имаат мојата целосна поддршка во борбата за вистината и правдата – напиша Крстевски.

Комеморацијата, според организаторите, ќе биде скромен, но достоинствен чин на сеќавање, со кој ќе се испрати силна порака за солидарност, сочувство и заложба за одговорност. Општината најавува и нови иницијативи за поддршка на погодените семејства и за спречување на слични трагедии во иднина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни