Во близина на Штип денеска свечено ќе биде поставен камен-темелникот на најголемиот ветерен парк во Северна Македонија – проект вреден над 500 милиони долари, инвестиција на компанијата „Алказар Енерџи“.
На настанот ќе присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николовски и ко-основачот и управувачки партнер на „Алказар Енерџи“, Даниел Калдерон, кои ќе се обратат пред присутните гости и медиумите.
Најголема инвестиција во обновлива енергија
Ветерниот парк „Штип“ ќе се простира на површина од 326 хектари меѓу Штип, Карбинци и Радовиш и ќе опфати 55 модерни ветерни турбини со вкупен капацитет од 400 мегавати (MW). По завршувањето на изградбата, капацитетот ќе биде доволен за производство на електрична енергија за над 100.000 домаќинства, што ќе го направи клучен ресурс за енергетската стабилност на земјата.
Проектот исто така ќе отвори 630 нови работни места за време на изградбата и значајно ќе придонесе за локалната економија.
Кои се „Алказар Енерџи“?
„Алказар Енерџи“ е глобален инвеститор и развивач на проекти за обновлива енергија со седиште во Дубаи и регистриран фонд во Луксембург. Основана во 2014 година, компанијата има искуство во развој на ветерни и соларни електрани во растечки економии на Блискиот Исток, Северна Африка и Балканот.
Нивното портфолио вклучува слични проекти во Јордан, Египет и Црна Гора. Со влезот во Северна Македонија, „Алказар Енерџи“ го реализира својот прв проект во земјава преку локалната фирма „Алказар Енерџи МКД ДООЕЛ“.
Важен чекор за зелена транзиција
Од компанијата посочуваат дека ветерниот парк претставува значаен чекор кон намалување на зависноста од фосилни горива и постигнување на националните цели за обновливи извори на енергија. Проектот ќе спречи емисија на над 670.000 тони јаглерод диоксид годишно, придонесувајќи за почиста и одржлива иднина.
Според планот, изградбата ќе трае до 2027 година, кога ветерниот парк треба да биде пуштен во целосна употреба.
