Премиерот Христијан Мицкоски и денеска обвини дека наводно имало обид за поткуп кон него но не даде никакви конркетни информации кој се обидел да го поткупи. Рече само дека одделни центри на СДСМ и ДУИ се вознемирени со што директно ги посочи за вмешаност во криминал за која рече дека испраќа порака дека времето на криминалните политичари завршило.
„Гледам поедини центри на влијание како се вознемирени а вознемирени се затоа што ова е стар тендер, јавна набавка која што ја водела претходната влада на СДСМ и ДУИ. Јас одлучив со јавност да се борам против криминалот и корупцијата и затоа ја дадов таа изјава и тоа е порака дека времето на криминалците во политиката заврши“, изјави Мицкоски.
Иако Мицкоски вчера кога соопшти дека се обиделе да го поткупат, рече дека случајот е предаден до надлежните институции, сепак од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за ТВ21 одговорија дека такво нешто немаат доставено до нив.
„До овој момент нема таква пријава во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“, велат од ОЈО ГОКК.
Обвинувањата за поткупот инаку се однесуваат на изведбата на железничката група кон Бугарија што е дел од Коридорот 8, а кој е дел од стратешкиот проект на Европската унија. Мицкоски рече дека не може да стави потпис на проект, да потроши половина милијарда за проект кој завршува на половина тунел, на слепа улица, со што јасно става на знаење дека овој проект го замрзнува.

