Македонија

Ќоку: ДУИ со барањето за предвремени избори уште еднаш покажа дека е партија без идеи и визија

Ќоку: ДУИ со барањето за предвремени избори уште еднаш покажа дека е партија без идеи и визија

Координаторот на пратеничката група на Влен, Беким Ќоку, денеска на прес-конференција во Собранието порача дека нема да има предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори наесен, откако претходно пратеникот на Европскиот фронт, Блерим Беџети, упати повик до владејачките Влен и ВМРО-ДПМНЕ да се оди на предвремени избори, обвинувајќи ги за деградација на албанскиот јазик и игнорирање на Законот за употреба на албанскиот јазик.

– Демократската унија за интеграција со барањето за предвремени избори уште еднаш покажа дека е партија без идеи и визија. Секојдневно се соочуваат со напуштање на членството и затоа шират лажни надежи дека владата паѓа, а тие се враќаат. Тоа не го верува ни нивниот најтесен круг, истакна Ќоку.

Тој додаде дека со Влен на власт, Албанците веќе не се третираат како граѓани од втор ред.

– Денес имаме Албанци кои уживаат достоинство уште во првата година од нашето владеење. Влен го има целосниот легитимитет на албанскиот народ, што беше потврдено со над 107.000 гласови на последните парламентарни избори, а тоа уште посилно ќе го докажеме на претстојните локални избори, рече Ќоку.

На новинарско прашање за Законот за правична застапеност, Ќоку најави дека законот ќе биде на дневен ред на утрешната владина седница, по што ќе влезе во собраниска процедура.

Во однос на кандидатите за градоначалници, Ќоку истакна дека разговорите и анкетите се сè уште во тек, но дека Влен наскоро ќе објави независен кандидат за градоначалник на Струга.

– Немаме конечни одлуки за кандидатите, но во Струга најверојатно ќе одиме со независен кандидат. Историски гледано, мнозинството секогаш соработувало на локалните избори, рече Ќоку.

Потсетување, координаторот на Европскиот фронт, Блерим Беџети, на претходната прес-конференција најави дека нивната коалиција ќе настапи на локалните избори како „широк фронт“ што ќе претставува, како што рече, „референдум на незадоволството на Албанците и другите етнички заедници“ од актуелната власт.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни