Македонија

Комисијата за дискриминација наложи извинување за објава со навредлива содржина кон Бугари во Македонија

Комисијата за дискриминација наложи извинување за објава со навредлива содржина кон Бугари во Македонија

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека на Фејсбук е сторена интерсекциска дискриминација врз основа на етничка и национална припадност, насочена кон граѓани на Македонија кои се идентификуваат со бугарска национална самосвест.

Предметот се однесува на објава објавена на 16 септември 2024 година, која била споделена и од официјалниот профил на бугарскиот амбасадор во земјава. Во објавата се користеле навредливи и стереотипни квалификации кои, според Комисијата, ја поттикнуваат и продлабочуваат омразата и нетрпеливоста, преку генерализирачки и деградирачки изрази како „второсортни Бугари“, „бугарски жени со комунистичко минато“ и слично.

„Со содржината на објавата се навредуваат, деградираат и демонизираат граѓани на Северна Македонија со бугарска национална самосвест, при што се поттикнува говор на омраза и се создава непријателска и деградирачка средина“, стои во мислењето на Комисијата.

Комисијата донесе препорака објавата да биде избришана во рок од 30 дена од нејзиното примање и сторителот јавно да се извини за содржината. Воедно, институцијата апелираше до медиумите и јавноста да се воздржат од слични навреди и омаловажувања кои можат да резултираат со дискриминација врз основа на етничка припадност.

Ова не е прв случај во кој Комисијата констатира дискриминација кон лица со бугарска национална самосвест, предупредувајќи дека повторувањето на вакви дела ја интензивира стигматизацијата и ги крши основните човекови права.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни