На 25 октомври годинава, Комората за вештаци официјално е регистрирана во Централниот регистар, со што конечно профункционира по осум години. Овој чекор, според министерот за правда Игор Филков, обезбедува поголема транспарентност, независност и професионалност во процесот на вештачењето.
„Ова е значаен напредок за правосудниот систем. Со основањето на Комората, се решаваат долготрајните проблеми на вештаците, како во поглед на заштитата, така и во однос на издавањето и валидноста на лиценците,“ истакна Филков.
Министерот подвлече дека квалитетното и навремено вештачење е клучно за избегнување одолговлекувања во судските постапки, како и за донесување правилни и објективни одлуки. „Вештаците се столбови на кои се потпираат судските пресуди и одлуките на државните органи,“ додаде тој.
Функционалната Комора, според Филков, претставува важен чекор кон подобрување на правниот систем и создавање силен механизам за поддршка и контрола на вештаците.
Претседателот на Комората, Виктор Камнар, ја истакна основната цел и визија: зголемување на квалитетот на сите вештачења.
„Ќе работиме професионално и според законските одредби. Следниот месец ќе биде објавен оглас за сите кои сакаат за првпат да станат вештаци и да добијат лиценца,“ изјави Камнар.
Тој објасни дека издавањето на лиценците останува во надлежност на Министерството за правда, додека обуките се организираат преку Комората, која веќе формираше 16 професионални одделенија.