„Еуровиа“ е компанијата која доби тендер од Министерството за надворешни работи за преуредување на спортската сала Борис Трајковски во центар каде ќе се одржи најголемиот настан во Макеоднија поврзан со претседавањето со ОБСЕ.
И ќе немаше ништо спорно, ако истата компанија која го добила тендерот не беше донатор и кон политичката партија ДУИ, од каде доаѓа и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тендерот е регуларен. Имало јавна набавка, имало и наддавање. Понудата на „Еуровиа“ била најнивска во вредност, па затоа и таа е одбрана. Министерот Бујар Османи кога го видел списокот знаел дека ќе има реакции во јавноста, но вели дека не знаел дека истата компанија е и донатор во ДУИ.
„Знам дека нема да верувате, но верувајте дека од медиумите разбрав дека компанијата е донатор. Не бев среќен кога ми го донесоа извештајот за рангирањето, бидејќи ги очекував овие реакции, затоа што никогаш не би ставил дамка на најважниот настан во историјата на оваа земја“, изјави Бујар Османи.
Но, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека врската меѓу СДСМ и ДУИ и компанијата „Еуровиа“ е очигледна. Портпаролката Марија Митева наведува дека за тоа сведочат приходите и профитот на компанијата во последните години.
– Профитот во 2021 година бил 576 илјади евра, а веќе во 2022 година 787 илјади евра. Доколку сите овие податоци не се доволни за ЈО да отвори постапка или ДКСК да поднесе пријава за злоупотреба на службена положба тогаш уште еднаш ќе стане јасно дека ДУИ и СДС ги штитат нивните бизнис интереси преку злоупотреба на државните пари, изјави Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Од „Еуровиа“ негираат дека има прекршување на законот. Во соопштението до јавноста генералниот директор Елмедин Адеми, внук на поранешниот министер од ДУИ, објаснува дека вредноста од 1.5 милиони евра за тендерот ќе се троши согласно потрошените количества на извршената работа и негира поврзаност или донации за ДУИ.
Извештајот на Државниот завод за ревизија, пак, покажува дека меѓу донациите на ДУИ од правни лица, евидентирана е фирма со име Еуровиа Тетово, која донирала 1.845.000 денари. Како поединечни донатори се јавуваат и лицата Бејтула Адеми со 300.000 денари и Елмедин Адеми со донација од 2.509.200 денари.