Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, јасно ја отфрли можноста за независна кандидатура по најавите за кадровски промени во СДСМ и јавните апели од партискиот функционер Андреј Жерновски да „биде дел од тимот и да не создава раздор“. Во изјава за локалниот портал Вис, Костадинов истакна дека останува лојален на партијата и најави повлекување од јавната сцена.
„Очигледно господинот Жерновски не ме следи. Јас мојот став јавно го кажав – не одам со независна кандидатура. Не сакам да бидам виновен за евентуален пад на СДСМ. Се повлекувам во тишина, за да работам на стратегија со која ќе се врати достоинството на партијата“, изјави Костадинов за порталот ВиС.
Тој додаде дека не преминува во ЛДП и смета дека Жерновски можеби погрешно го разбрал. „Нека му е простено – од мене. Не гледам како можам да создадам раздор ако велам дека се повлекувам – и тоа во тишина“, додаде Костадинов.
Жерновски денеска го повика Костадинов да се повлече од делување надвор од партијата.
„Гледајте ја битката, каде што има битка, има шанса и за победа. Ваква атмосфера се прави онаму каде што има шанса да се победи, а не каде што се најавува неуспех. Јас верувам дека градоначалникот на Струмица сака партијата да победи и затоа го повикувам да ја повлече иницијативата да делува надвор од партиските органи. Ако сакаме СДСМ да победи, не треба да правиме раздор, туку да ги обединиме сите сили, повика Жерновски.