Костадиновска-Стојчевска: ВМРО-ДПМНЕ лаже – Мицкоски: ОЈО да покрене истрага, ова е само почеток

ВМРО-ДПМНЕ лаже – ова е одговорот на поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, по обвинувањата од владејачката партија дека таа со народни пари на службено патување купувала мечиња, фудбалска топка, чорапи, куфери… Таа вели дека купувала од личната сметка, откако авиокомпанијата и го загубила багажот. Но, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека за купеното Костадиновска-Стојчевска на крајот добила буџетски средства.

„И да, купив нови куфери од сопствена сметка и основни средства за службеното патување за да можам да патувам и да учествувам на состаноците во момент кога останав без багаж при патувањето во Лондон. Останатиот дел е тешка манипулација и целосна невистина.“, рече Костадиновска-Стојчевска.

„Народот може да ги види сметките од твоето трошење народни пари, сметки кои потоа си ги однела во Министерството за култура со цел правдање на потрошеното.“, изјави Миле Лефков.

Таа обвини дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ја извалка нејзината работа и најави тужба против партијата ако не се утврдат неправилности.

„Јас стојам на располагање! Ако има криминал во моето работење нека повелат да ми го симнат имунитетот, имаат можност за тоа и ќе се појавам пред кој сакаат судија!“, вели Костадиновска-Стојчевска.

Премиерот Христијан Мицкоски повика за наводите да реагира Јавното обвинителство.

„Не само за овој случај. Јас реков дека од есен ќе сведочиме за тоа што се случувало изминативе седум години за многу работи, не само за ова, ова е само почеток, ќе има многу луѓе коишто денеска гледаме се силни позади говорницата во Парламентот.“, вели Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека и во наредниот период ќе објавуваат докази за, како што велат, раскошното живеење со државни средства.