Македонија

Костадиновски: Лага е дека со укинувањето на „балансерот“ се поништуваат и правата на заедниците

Костадиновски: Лага е дека со укинувањето на „балансерот“ се поништуваат и правата на заедниците

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски денеска на прес конференција ги образложи аргументите на Судот за укинување на Балансерот.

Тој ги оцени како лага и манипулација наводите дека со укинување на оваа алатка се поништуваат правата на заедниците.

„Манипулација и лага е тврдењето од било кого дека Уставниот суд укинал права на заедниците. Не е точно. Ние сме чувари на Уставот таков каков што е. Темелната вредност соодветна и правична застапеност е тука. Секој е должен да го почитува уставот, значи секој е должен да ја почитува и применува правичната и соодветната застапеност. Законодавецот има право има уставно овластување да ја операционализира темелната вредност но на уставно дозволен начин. Сега и законодавецот и органите на извршната власт имаат уставна рамка, насоки што може што не да нормира, како да постапуваат“, вели Костадиновски.

Тој додава дека одлуките на Судот, во кои се оценува матерјалната, формалната уставност, ставовите на Судот го легитимираат правото.

„Уставниот суд е на врвот на пирамидата наречена „владеење на правото”, тој е најповиканиот да рефлектира правна сигурност, усогласеност во правниот поредок. За тоа постојат Уставните судови секаде во светот, ништо повеќе ништо помалку. Апелирам до граѓаните, државните органи, политичарите, ако навистина и мислат добро на Републиката, ако навистина сакаат правна држава во која ќе владее правото, своите јавно прокламирани ставови за европски стандарди, за владеење на правото, да ги усогласат со нивните дела и дејствија во практика, да ги усогласат со вистинските потреби на граѓаните за зрело демократско општество како најпожелно за нив. Секое делување надвор од овие рамки за мене е чиста манипулација со граѓаните, каква што беше манипулацијата дека Судот со постапувањето по овој или било кој друг предмет може да ги наруши, политичко-етничките односи, да биде повод за дестабилизација“, додава Костадиновски.

Според него, секој вклучително и политичарите треба да ги почитуваат одлуките на судот, не да ги политизираат, етнизираат.

„На нашето постапување и одлучување треба правилно да гледаат како на заштита на владеењето на правото. Не одат заедно јавно прокламираните заложби од секого за европски стандарди и владеење на правото и политизацијата и етнизацијата на постапувањето на Судот“, додаде Костадиновски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни