Македонија

Коцевски предупредува: Недостиг на средства и кадар го загрозува функционирањето на обвинителството

Коцевски предупредува: Недостиг на средства и кадар го загрозува функционирањето на обвинителството

На почетокот на расправата за предлог-буџетот за 2026 година, јавниот обвинител Коцевски, во име на јавното обвинителство, истакна сериозни загрижености поради недоволните финансиски средства предвидени за институцијата.

„Лично многу размислував дали повторно да се обраќам со истите барања како и лани, но ситуацијата е алармантна“, рече Коцевски.

Тој потенцира дека предлог-буџетот ја предвидува само половина од законски утврдените средства за јавните обвинителства – околу 0,2% од вкупниот буџет, наместо минимумот од 0,4%.

„Во вкупен обем на средства, износот е дури и помал отколку во тековната година, што е нелогично во услови кога сите трошоци растат“, нагласи тој.

Коцевски нагласи дека станува збор не за покачување на плати, туку за основните трошоци неопходни за работа – договорни услуги, вештачења, истражни дејствија и финансирање на сложени кривични случаи. Тој посочи дека често се ангажираат странски експерти поради недостаток на локални вешти лица, а средствата за тоа се од буџетот на обвинителството.

„Реформската агенда пред јавните обвинителства бара сериозни инвестиции во кадровски и материјални ресурси, опремување на истражните центри и канцеларијата за поврат на имот, како и ангажирање на дополнителен број обвинители и експерти за откривање економски и финансиски криминал. За ниту еден од овие реформски чекори во буџетот за следната година нема доволно средства“, рече Коцевски.

Тој потенцира дека кадровската состојба е критична – обвинителството работи со едвај една третина од потребниот број вработени, а од почетокот на 2024 година до денес над 10% од вработените си заминале, без да се одобри пополнување на испразнетите позиции.

„Оваа состојба е неодржлива и ќе влијае на капацитетот на институцијата да обезбеди ефикасна правда“, предупреди Коцевски.

Јавниот обвинител истакна и конкретни примери на успешни истраги во услови на ограничени ресурси, како истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ која била завршена за помалку од 2,5 месеци, како и сложени предмети поврзани со онкологија, економски криминал и еколошки дела. „Ваквите резултати се возможни само со натчовечки напори на луѓето во јавните обвинителства, кои моментално извршуваат задачи за 4 до 5 работни позиции“, рече Коцевски.

На крајот, тој упати апел до пратениците и Министерството за финансии да ги разгледаат средствата предвидени за Јавното обвинителство и да ги зголемат, нагласувајќи дека потребите се во рамки на законските прописи и се неопходни за ефикасно функционирање на правосудството.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни