Македонија

Ковачев: Од извештајот на ЕП се бришат сите референци за „македонски идентитет“ и „македонски јазик“

Ковачев: Од извештајот на ЕП се бришат сите референци за „македонски идентитет“ и „македонски јазик“

Европратеникот од Бугарија, Андреј Ковачев, објави дека на иницијатива на Европската народна партија (ЕНП), заедно со групите на социјалистите (С&Д) и либералите (Ренју), постигнат е договор за отстранување на сите спомнувања на „македонска идентичност“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија во Европскиот парламент.

„Очекувам наредната недела, на пленарната седница, оваа измена да биде поддржана од мнозинството во Европскиот парламент“, напиша Ковачев на социјалните мрежи.

Тој додава дека темите поврзани со идентитетот и јазикот не припаѓаат на вакви извештаи, бидејќи, според него, предизвикуваат раздор и отвораат „кутија на Пандора“. Особено остар беше во критиките кон македонската влада и премиерот Христијан Мицкоски, за кои тврди дека манипулираат со „приказни за многувековна идентичност и јазик“ за да создадат лажна слика за надмоќ над источниот сосед – Бугарија.

Ковачев смета дека вакви изјави биле дел од политичка стратегија пред локалните избори, со цел да се оправдаат најавените уставни измени со кои ќе се вклучи бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија.

„И покрај невидениот притисок и лобирање, таков преседан не треба да стане дел од извештаите на Европскиот парламент или на која било друга европска институција.“, вели тој.

Како алтернатива, Ковачев повторно апелира Северна Македонија да го почитува Договорот за добрососедство со Бугарија и да ја „деблокира работата на историската комисија“, каде, според него, треба да се разгледуваат сите прашања поврзани со историјата и идентитетот.

Оваа изјава доаѓа во момент кога во земјата расте интересот околу финалната содржина на европскиот извештај, кој има политичка тежина во однос на евроинтегративниот процес и домашната дебата за уставните измени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни