Ковачевски разочаран што соседна Бугарија одлучила да именува центар со името на Ванчо Михајлов
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Собранието, по пратеничко прашање од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи, истакна дека е разочаран што соседна Бугарија одлучи да именува центар со името на Ванчо Михајлов.
„Конкретно, ние две држави, како два народи сме различни со различен културен, јазичен и национален идентитет. Така било, така ќе биде бидејќи македонскиот народ има вековита засебна традиција, историја и посебен идентитет. Но, во исто време не сум задоволен, не се согласувам и сум многу разочаран што соседна Бугарија одлучи да именува центар со името на Ванчо Михајлов. За мене, а знам и за огромно мнозинство граѓани, лицето Ванчо Михајлов е поврзано директно со нацистички и фашистички режим, тоа е крајно негативен лик кој направил огромна штета на македонскиот народ. Човек кој учествувал во ликвидација и ништење на македонски револуционери, бил соучесник во режимот кој ги депортираше сите македонски Евреи во логорите на смртта и тоа е огромно, ужасно не простливо злосторство“, вели Ковачевски.
Ковачевски откри дека се планира Македонија да отвори Културен центар во Благоевград во текот на оваа година.
Имате вест, приказна или проблем?
Пишете ни