„Младите се носители на прогресот во секое општество, предводници во реализација на нови, свежи и храбри идеи за чие остварување треба да сме им поддршка. Затоа како Влада се фокусираме на креирање конкретни мерки кои ќе ги зголемат можностите за вработување на младите. Ги охрабрувам младите – бидете гласни, нека се слуша вашиот глас, заслужувате иднина за која ние како генерација пред вас ќе се бориме со храбри и државнички одлуки“, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во честитката по повод Меѓународниот ден на младите, 12 август.
Во неа, премиерот Ковачевски посочи дека од 2018 година до денес, над 80.000 млади лица се вклучиле во „Гаранцијата за млади“, додека речиси 40% од учесниците во оваа мерка добиле понуда за вработување, континуирано образование и обука и биле вклучени во практикантство.
„За оние до 23 години кои работат во производство воведовме дополнителен, младински додаток на плата од 3.000 денари, а студирањето го олеснуваме со субвенционирање на студентскиот оброк. Но, како Влада сме одговорни и да им овозможиме на младите иднина и многу повеќе можности кои ќе ги реализираат во земјава, наместо надвор од неа. Затоа се бориме да го отвориме целосно патот кон Европската Унија, кој чекорејќи го заедно со младите ќе го подобрува нивниот живот тука. Затоа сега е моментот да им докажеме дека мислиме на нив, и дека нема да ги закочиме нивните можности и придобивки кои ЕУ ги обезбедува и без да се селат надвор од татковината“, нагласи премиерот Ковачевски во фејсбук објавата.
Македонија е државата чие младо население во најголем број овој ден го одбележува меѓународно, односно како работници на плажите во соседството и Европа, најмногу поради недостигот од перспективи, неповолната бизнис-клима и партизацијата на секоја пора од општеството наместо реализирање на ветувањата за подобар младински стандард, велат од УМС на ВМРО-ДПМНЕ за Нова Македонија по повод Меѓународниот ден на младите.
– Денешниот ден би сакал да го посветам на надежта, на еден копнеж за подобро утре, иднина за младите луѓе во која сечиј глас ќе биде слушнат, иднина на идеи и иновации, во која конечно ќе се стави крај на масовното иселување. Во УМС се грижиме сите 365 дена во годината да бидат посветени на младите, а постојано преземаме чекори за враќање на довербата во политиката како начин за остварување на промените. Ниски даноци, повисоки плати, подобри услови за работа и вработување, простор за искажување на мислењето и борба против неправдите, кои ги изнагледавме изминатите години, беа само дел од работите што ги презентиравме на првиот политички карван и младински саем организиран од УМС под слоганот,,Иднина за сите во Македонија“. Заедно со младите, во непосредна комуникација и со посета на секое населено место, собираме идеи, дискутираме за предизвиците пред нас, ја пишуваме младинската програма, која ќе биде вметната во партиската програма за наредните парламентарни избори. Нашите противници овој Меѓународен ден ќе го искористат да продаваат бајки и ќе се фалат што направиле за младите, а, за жал, младите ќе го слушаат тоа од странство. Како младина, ние тоа ќе го промениме. Секој ден во Македонија ќе биде ден на младиот човек, бидејќи ќе создадеме средина во која секој ќе може да напредува и да просперира – вели Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.