Премиерот Димитар Ковачевски денеска на прес конференција посочи дека успешна лидерска средба значи дека политичките партии ќе седнат на маса и нема да постои уценување од една политичка партија кон друга.
Според него, за одржувањето на изборите, финалниот збор ќе го кажат партиите, а во однос на техничката влада, не постои консензуално расположение кај партиите за нејзино укинување.
„Очекувам конструктивна лидерска средба во која ќе учествуваат сите политички партии застапени во Парламентот, бидејќи тоа е начинот на кој функционира едно демократско општество, каде што сите кои учествуваат во еден натпревар треба да имаат збор во начинот на кој се организира натпреварот“, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека следната година ќе бидат први редовни парламентарни избори во нашата држава по 2006 година.
„Во однос на нивното одржување, финалниот збор ќе го кажат партиите, но и ако погледнете во календарот, месец мај нуди можност за такво нешто. Притоа треба да се почитуваат и верските празници, бидејќи знаете дека април е месец на Рамазан, почеток на мај е Велигден. Треба да биде определен датум кој ќе одговара и на одржување демократски избори но и на чествување на сите празници кои ги имаме“, посочи Ковачевски.