Македонија

Крај на евтините пратки од Тему и АлиЕкспрес: Законот за ДДВ ја помина првата фаза во Собранието

Крај на евтините пратки од Тему и АлиЕкспрес: Законот за ДДВ ја помина првата фаза во Собранието

Завршува ерата на евтини онлајн нарачки од странство. Предлог-измените на Законот за данок на додадена вредност (ДДВ), со кои се укинува ослободувањето од данок за пратките со вредност до 22 евра, ја поминаа првата фаза на разгледување во собраниските комисии.

Овој чекор значи дека предлогот на Владата е чекор поблиску до конечно усвојување на пленарна седница, што се очекува да се случи наскоро.

„Основна причина заради која се врши изменување и дополнување на законот за данокот на додадена вредност е создавање на појасна правна рамка, спречување на злоупотреби, пофер услови за работење, а притоа се задржува можноста граѓаните да примаат лични пратки од странство до 22 евра без плаќање на ДДВ што од социјален аспект е мошне значајно“, изјави заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски.

Што точно се менува?

Досегашната пракса овозможуваше граѓаните да нарачуваат производи од популарните платформи како Тему, АлиЕкспрес или Шеин без да плаќаат ДДВ, доколку вредноста на пратката е под 22 евра.

Со новите измени, ова ослободување целосно се брише. Тоа значи дека за секоја комерцијална пратка, без разлика дали чини 5, 15 или 20 евра, ќе се пресметува стандардната стапка на ДДВ од 18%.

Единствен исклучок од ова правило ќе бидат „мали пратки од некомерцијална вредност“ – односно, пратки испратени од едно физичко лице на друго физичко лице (како подарок), чија вредност не надминува 22 евра. Овој исклучок нема да важи за алкохол, парфеми и тутунски производи.

Зошто се воведува оваа мерка?

Владата и Министерството за финансии ја образложуваат оваа промена со неколку клучни причини:

  1. Усогласување со ЕУ: Европската Унија го укина овој даночен праг уште во 2021 година, и оваа измена е дел од усогласувањето на домашното законодавство со европското.
  2. Заштита на домашната економија: Според надлежните, домашните трговци беа во нелојална конкурентска позиција бидејќи мораа да пресметуваат ДДВ на нивните производи, додека пратките од странство беа ослободени.
  3. Спречување на сива економија: Постоеја сомнежи дека досегашниот систем се злоупотребувал за увоз на стоки ослободени од данок, кои потоа нелегално се препродавале на домашниот пазар.
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни