Банките во земјава во август регистрирале продолжување на растот и кај кредитирањето и кај депозитите, но задолжувањето се зголемува со побрзо темпо од штедењето. Според најновите податоци на Народната банка, вкупните кредити на годишно ниво пораснале за 13,6 отсто, додека депозитите се зголемиле за 9 отсто.
На месечно ниво, кредитирањето во август е зголемено за 0,7 отсто. Растот е присутен и кај домаќинствата и кај компаниите, при што поголем придонес во годишниот раст има корпоративниот сектор.
Кредитите одобрени на компаниите за една година се зголемиле за 15,1 отсто, додека во споредба со јули бележат раст од 0,6 отсто. Од Народната банка посочуваат дека августовскиот раст на корпоративното кредитирање целосно произлегува од кредитите во денари.
Расте и задолжувањето на граѓаните. Кредитите на населението во август се зголемиле за 12,3 отсто на годишно ниво, односно за 0,7 отсто во однос на претходниот месец.
Меѓу најзастапените категории, најголем годишен раст имаат станбените кредити, кои се зголемиле за 16,2 отсто. Потрошувачките кредити, пак, бележат годишен раст од 12,2 отсто.
Паралелно со кредитирањето, се зголемуваат и депозитите во банкарскиот систем. Вкупните депозити во август биле за 9 отсто повисоки во однос на истиот месец минатата година, додека на месечно ниво растот изнесува 1,6 отсто. Од Народната банка наведуваат дека месечниот раст во најголем дел произлегува од корпоративниот сектор.
Депозитите на компаниите во август се зголемиле за 6,2 отсто во однос на јули, а на годишно ниво растот изнесува 6,1 отсто.
Кај домаќинствата, пак, депозитите бележат месечен пад од 0,4 отсто. Сепак, во споредба со август минатата година, депозитите на населението се повисоки за 10,2 отсто.
Орочените депозити на домаќинствата, без средствата на трансакциските сметки, во август пораснале за 0,6 отсто на месечно и за 5,8 отсто на годишно ниво. Според Народната банка, најголем дел од растот се должи на долгорочно орочените депозити.
Во август е зголемена и паричната маса М3. Во однос на јули таа пораснала за 1,3 отсто, додека на годишно ниво растот изнесува 8,2 отсто. Народната банка посочува дека годишната динамика на раст продолжува да забавува.
Податоците покажуваат дека разликата меѓу кредитирањето и депозитите останува изразена. За една година кредитите пораснале за 13,6 отсто, наспроти растот од 9 отсто кај депозитите. Кај компаниите, годишниот раст на кредитите од 15,1 отсто е повеќе од двојно поголем од растот на нивните депозити, кој изнесува 6,1 отсто.