Крива Паланка попладнево е зафатена од голем пожар кој, според информациите од Општината, се шири со огромна брзина и претставува сериозна закана за домовите, шумите и животите на граѓаните.
Локалната самоуправа објави итен апел до сите жители да се вклучат во гаснењето, откако огнот излегол од контрола и започнал да се движи во неколку правци.
„Ситуацијата е критична – не е време за чекање или размислување. Апелираме до сите граѓани што се во можност: излезете и помогнете!“ – се вели во пораката од Општина Крива Паланка.

Надлежните информираат дека на терен веќе делуваат пожарникари, волонтери и вработени од општинските служби, но поради обемот на пожарот, потребна е масовна мобилизација. Граѓаните се повикани да се организираат, да понесат кофи, црева, алати – сè што може да помогне за да се спречи катастрофа од поголеми размери.
Најкритични се предградијата каде што огнот се приближува до куќи и населби. Локалните власти изразија благодарност до сите кои веќе се на терен и најавија дека ќе бидат обезбедени дополнителни ресурси и логистичка поддршка за доброволците.
„Да покажеме дека сме заедница што се грижи, реагира и делува кога е најтешко!“ – стои во апелот, кој брзо се споделува по социјалните мрежи.