Општина Крива Паланка го започна процесот за изработка на урбанистичко-планска документација за изградба на мини ски-центар со ски-лифтови на планинскиот локалитет Калин Камен. Овој потег претставува значаен чекор кон развојот на нова туристичка дестинација во источниот регион на државата.
Калин Камен, кој во минатото беше запоставен предел, сега станува сѐ поатрактивна планинска зона за спорт, рекреација и туризам, благодарение на стратегијата на локалната самоуправа за ревитализација и валоризација на природниот потенцијал.
Во изминатите 3,5 години, Општината реализираше повеќе проекти поврзани со инфраструктурата и туристичката понуда:
- Завршени се две фази од алтернативниот пат Бз Кошари – Калин Камен
- Обезбедени се проектна документација и средства за изградба на адреналински парк
- Подготвена е техничка документација за водоводна линија Калин Камен – Варовиште – Кркља
- Поднесена е апликација за реконструкција на патот Јоаким Осоговски – Калин Камен
- Донесен е урбанистички план за хотелско сместување, со две издадени градежни дозволи
- Во финална фаза е документацијата за типска викенд населба од 60 куќарки
- Урбанистичка документација е подготвена и за хотелски капацитети на локацијата Езерце
Од Општината истакнуваат дека визијата за Калин Камен не е само план, туку процес што веќе е започнат на терен. Се очекува мини ски-центарот дополнително да ја зајакне туристичката понуда, да донесе нови работни места и да го поттикне локалниот економски развој.
Со јасна стратегија и силна посветеност, Крива Паланка се позиционира како идно туристичко жариште во источниот дел од земјата.