Македонија

Кривична пријава за три лица за давање и примање поткуп при стручен испит за стоматолози – одземени над 65 илјади евра

Кривична пријава за три лица за давање и примање поткуп при стручен испит за стоматолози – одземени над 65 илјади евра
Фото: 4news.mk

Три лица се пријавени за кривични дела поврзани со давање и примање награда за противзаконито влијание, како и примање поткуп, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на 27 јули 2026 година до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против три лица.

Пријавена е А.Т. (27) од Битола за „давање награда за противзаконито влијание“, С.Ч. (56) од Гостивар за „примање награда за противзаконито влијание“ и С.Е. (63) од Скопје за „примање поткуп“.

При извршените претреси кај второ и третопријавениот, полициските службеници пронашле и одзеле парични средства во износ од 65.280 евра, 29.840 швајцарски франци и 161.500 денари.

Според пријавата, А.Т., која била студентка на Стоматолошкиот факултет, во декември 2025 година преку комуникација на апликацијата „Вибер“ стапила во контакт со С.Ч., професор на факултетот и поранешен потпретседател на Стоматолошката комора.

Како што информираат од МВР, таа му дала парични средства на С.Ч. со цел тој да изврши влијание кај С.Е., кој бил претседател на Комисијата за полагање стручен испит за здравствени работници со високо образование од областа на стоматологијата при Министерството за здравство.

Во декемвриската испитна сесија, на 17 декември 2025 година, А.Т. полагала стручен испит пред формираната комисија и се стекнала со уверение за положен стручен испит.

Од МВР наведуваат дека случајот продолжува да се истражува, а за понатамошниот тек на постапката ќе одлучуваат надлежните обвинителски и судски органи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни