Македонија

Крстевски: Општина Кочани навреме аплицираше – очекуваме Владата да го одобри ангажманот на 23 лица кои би биле распоредени за превенција од пожари!

Крстевски: Општина Кочани навреме аплицираше – очекуваме Владата да го одобри ангажманот на 23 лица кои би биле распоредени за превенција од пожари!

Вршителот на должноста градоначалник на Општина Кочани, Венко Крстевски, денеска реагираше на наводите изнесени на прес-конференцијата на Владата, каде што беше посочено дека Кочани и Струмица не аплицирале по јавниот повик за ангажман на 400 лица во рамки на активната мерка „Јавни работи за заштита и превенција од пожари и оплеменување на животната средина на локално ниво“.

– Формуларот е уредно испратен, Општина Кочани навреме аплицираше. Очекуваме Владата да го одобри ангажманот на 23 лица кои би биле распоредени за превенција од пожари, особено имајќи ја предвид ридско-планинската конфигурација на нашиот регион – изјави Крстевски.

Тој ја поздрави пилот-мерката на централната власт, но и укажа на потребата од постојано вработување на 15 нови професионални пожарникари во Територијалната противпожарна единица – Кочани, кои се неопходни за подобро справување со пожари во иднина.

Изјавата на Крстевски доаѓа откако на владината прес-конференција, портпаролката Марија Митева и директорот на ДЗС Стојанче Ангелов изјавија дека само Кочани и Струмица не поднеле барање за вклучување во оваа мерка. Изјавата предизвика шпекулации и прашања во јавноста дали одредени општини одбиваат да соработуваат со Владата поради политички причини или како знак на незадоволство – особено Кочани, поради трагичниот настан со 62 жртви во дискотеката „Пулс“.

Крстевски, дополнително, ја искористи можноста да потсети дека Општина Кочани веќе пет месеци чека согласност од Министерството за финансии за нови вработувања во детската градинка „Детелинки“.

– Над 200 родители и нивните деца сè уште чекаат. Владата мора час поскоро да ја реши оваа ситуација, затоа што градинката е готова, а финансиските средства се веќе планирани во буџетот – апелираше Крстевски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни