Обожавателите на Мајкл Џексон ќе имаат можност одблизу да ги видат дел од најпрепознатливите модни парчиња што ја одбележаа неговата музичка кариера. Култната црвена кожна јакна од спотот за „Thriller“, костимот од „Smooth Criminal“ и други сценски предмети се изложени во Њујорк, пред големата аукција закажана за 7 декември во Абу Даби.
Меѓу изложените предмети е и кремавиот костим што Џексон го носеше во музичкиот спот за „Smooth Criminal“ од 1988 година. Посебно внимание привлекува и потпишаната црвено-црна кожна јакна од „Thriller“, како и две јакни од неговата турнеја „Bad“ во периодот од 1987 до 1989 година. Едната е потпишана и украсена со токи, додека другата има натпис „Special Officer“ и кожни ремени.
Колекцијата содржи и две бели ракавици со светкави детали. Едната е од легендарниот настап на „Motown 25“ во 1983 година, кога Џексон за првпат пред телевизиската публика го изведе познатиот „moonwalk“, додека другата потекнува од турнејата „Victory“ во 1984 година.
На продажба ќе бидат понудени и сценски чевли што пејачот ги носел во текот на 1990-тите, како и ремен изработен од сребро и 18-каратно бело злато, кој го носел на доделувањето на музичките награди „American Music Awards“ во 1989 година.
Сите предмети се дел од аукцијата „Мајкл Џексон: Модното наследство“, организирана од аукциската куќа „Џулиенс“. Од таму велат дека станува збор за најголемата колекција на сценски костими, модни додатоци и облека од музичките спотови на Џексон што досега била понудена на продажба. На аукцијата, која ќе се одржи во хотелот „Роузвуд“ во Абу Даби, ќе бидат понудени повеќе од 100 предмети.
Најголем интерес се очекува да предизвика јакната од спотот за „Thriller“, чиј дизајн го потпишува костимографката Дебора Надулман Лендис. Од аукциската куќа засега не објавиле проценка за нејзината вредност.
Интересно е што во 2011 година, истата аукциска куќа продаде јакна од истиот спот за 1,8 милиони долари. Белата ракавица од настапот на „Motown 25“ е проценета на меѓу 600.000 и 800.000 долари, откако во 2009 година била продадена за 430.000 долари.
Потпишаната јакна од турнејата „Bad“, која Џексон ѝ ја подарил на фондацијата „Т. Џ. Мартел“, се проценува на цена од 60.000 до 80.000 долари.
„Јакната од ’Thriller‘ е онаа за која светот никогаш не престана да зборува“, изјави коосновачот на аукциската куќа „Џулиенс“, Мартин Нолан, при најавувањето на продажбата во октомври.
Покрај предметите на Мајкл Џексон, на аукцијата во Абу Даби ќе се најдат и лични предмети и фустани на принцезата Дијана, меѓу кои и кошула од „Ралф Лорен“ што ја носела за време на посетата на Босна и Херцеговина во 1997 година.
Понудата ќе вклучува и предмети поврзани со Курт Кобејн, Брус Ли, Мадона и Ејми Вајнхаус.