Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата соопшти дека, во рамки на тековните активности за утврдување можни повреди на Законот за заштита на конкуренцијата, извршила увид во повеќе авто-школи низ државата. Постапката опфаќа активности поврзани со над 40 авто-школи.
При увидот биле констатирани индиции кои упатуваат на можност за усогласено однесување – потенцијален картел – при формирањето на цените за обука на кандидатите за возачи. Таквото однесување може да претставува прекршување на член 7 став (1) од Законот за заштита на конкуренцијата.
Од Комисијата информираат дека продолжуваат со интензивно прибирање на докази и детално утврдување на сите релевантни факти. Доколку се потврди постоење на забрането договорно дејствување, ќе бидат преземени соодветни мерки во согласност со законските одредби.
Комисијата нагласува дека останува посветена на заштитата на конкурентноста на пазарот и интересите на потрошувачите.
