Алармантни се податоците од Институтот за јавно здравје за лица починати од рак. Лани 356 жени починале од рак на дојка, што речиси во просек е по една жена на ден.
Oд малигна неоплазма на дојка во 2010 година починале 310 жени, а во годините подоцна просекот се движи околу 280 жени годишно. Бројката на починати се зголемува во 2016 година – 338 смртни случаи, а минатата година е пикот – дури 356 жени ја загубиле битката со ракот на дојка, објави Мета.
Во исто време, во земјава е невозможно да се закаже термин за мамографија и за ехо на дојка во јавното здравство. Системот Мој Термин покажува дека во наредните три месеци нема ниту еден термин за жените да направат рутински превентивни прегледи. Месец октомври е месец за развој на свесноста за превенција од ракот на дојка, со цел да се стимулираат жените да вршат редовни прегледи, но тоа системски се покажува како невозможно.
