Обид за лажно прикажување сообраќајна несреќа во Тетово бил откриен благодарение на снимките од системот „Безбеден град“, по што две лица биле лишени од слобода поради сомнение за осигурителна измама.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 8 јули 2026 година во 21:55 часот во СВР Тетово било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „135“ и „Саво Тасевски“ се случила сообраќајна несреќа во која, наводно, учествувал четирицикл со тетовски регистарски ознаки управуван од Ш.А.(45) од село Јажинце.
Пријавителот С.А.(44) од село Џепчиште навел дека четирициклот излетал од коловозот и се превртел. Но, по преземените мерки и проверка на видеозаписите од камерите на системот „Безбеден град“, полициските службеници утврдиле дека возилото не учествувало во сообраќајна незгода.
Од снимките било констатирано дека четирициклот бил донесен на местото со возило на влечна служба, потоа бил растоварен и намерно превртен на тротоарот од страна на неколку лица, со цел да се прикаже како да се случила сообраќајна несреќа.
Во координација со Основното јавно обвинителство Тетово, четирициклот бил одземен со потврда и задржан за понатамошна постапка.
Околу 23:50 часот полициски службеници ги лишиле од слобода Ш.А. и С.А. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „осигурителна измама“.
Двете лица се задржани во Полициската станица Тетово, а по целосното расчистување на случајот ќе следува соодветен поднесок.