Земјоделките во Р. Македонија се дискриминирани во однос на останатите работнички за правото на платено породилно отсуство. Оваа нееднаква социјална политика сериозно се одразува врз репродуктивното, психолошко и физичко здравје, а за жал и врз здравјето на новороденчињата и децата. Вака ја започна денешната прес-конференција раководителката на АФЖ од Левица, Весна Кираџиева, повикувајќи ги пратениците да го изгласаат предлог-законот жените земјоделки да добијат платено породилно отсуство.
„Со предложеното законско решение кое го поднесоа пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, ќе се заштити мајчинството како основно право на жените загарантирано со Уставот и со меѓународните акти. Жените-земјоделки ќе добиваат паричен надоместок за време на породилно отсуство кое не може да биде пониско од минималната плата. Очекуваме и ги повикуваме сите пратеници и пратенички во собранието да го изгласаат овој наш Предлог-закон во интерес на земјоделките, како една од најранливите категории.
И додека владејачката ДУИ со СДС купуваат гласови со привидни мерки и мизерни 9.000 денари месечно кои ги нудат за мајчинство на земјоделките, Левица нуди трајно законско решение со кое жените-земјоделки ќе имаат гарантирана финансиска сигурност за време на породилното отсуство“, изјави Кираџиева.