Владата на Обединетото Кралство оштро реагираше на одлуката на платформата „Икс“ (X) на Илон Маск да го ограничи уредувањето на слики преку вештачката интелигенција „Грок“ (Grok) само за корисници кои плаќаат. Даунинг стрит го нарече овој потег „навредлив“ за жртвите на мизогинија и сексуално насилство.
Реакцијата доаѓа откако четботот се соочи со огромни критики бидејќи исполнуваше барања на корисниците дигитално да „соблекуваат“ луѓе без нивна согласност. Сега, платформата им порачува на корисниците дека оваа опција е достапна само доколку платат месечна претплата.
„Премиум услуга“ за незаконски слики
Портпаролот на британскиот премиер изјави дека овој потег едноставно „ја претвора функцијата за вештачка интелигенција, која овозможува создавање на незаконски слики, во премиум услуга“.
„Време е ’Икс‘ да се справи со ова прашање. Доколку друга медиумска компанија имаше билборди во центрите на градовите со незаконски слики, таа веднаш ќе ги отстранеше или ќе се соочеше со јавен револт“, додаде портпаролот.
Стармер: Ова е срамно и одвратно – на маса се сите опции
Британскиот премиер Кир Стармер беше дециден дека генерирањето на сексуални слики од возрасни и деца е „срамно“ и „одвратно“.
„Тоа е незаконски. Нема да го толерираме. Побарав сите опции да бидат на маса“, изјави Стармер.
Владата ја повтори целосната поддршка за регулаторот Офком да ги искористи сите свои овластувања – вклучително и ефективна забрана на платформата – поради загриженоста за незаконските слики креирани на страницата.
Пронајдени слики од деца
Хана Свирски од добротворната организација „Internet Watch Foundation“ изјави дека ограничувањето на пристапот „не ја поправа штетата што е веќе направена“. Аналитичарите на организацијата претходно откриле „криминални слики“ од девојчиња на возраст меѓу 11 и 13 години, кои се чини дека биле создадени со помош на „Грок“.
Од петокот наутро, „Грок“ ги известува корисниците кои бараат промена на слики дека „генерирањето и уредувањето слики моментално се ограничени на претплатници“ и дека можат да се „претплатат за да ги отклучат овие функции“.
