Македонија се најде на првото место на листата на најповолни туристички дестинации во Европа, според најновата анализа на германскиот Завод за статистика (Дестатис), која ги споредува цените на хотелското сместување и угостителските услуги со оние во Германија.
Истражувањето, пренесено од „Феникс Магазин“, покажува дека туристите кои ќе ја изберат Македонија за свој одмор можат да потрошат значително помалку отколку во Германија. Според анализата, цените во земјава се во просек за 52 проценти пониски од германскиот просек, што ја прави најисплатлива дестинација меѓу анализираните европски држави.
Тоа значи дека услуга која во Германија чини 100 евра, во Македонија би можела да се добие за околу 48 евра. Веднаш зад Македонија се наоѓа Бугарија со цени пониски за 47 проценти, додека Црна Гора е трета со трошоци пониски за 39 проценти.
Меѓу најповолните земји за летување се вбројуваат и Португалија и Чешка, каде цените се околу 30 проценти пониски од германските, додека во Шпанија туристите плаќаат во просек 22 проценти помалку.
Од друга страна, некои традиционално популарни туристички дестинации остануваат поскапи. Иако Хрватска, Италија и Франција се нешто поевтини од Германија, разликите се значително помали – од два до девет проценти.
Анализата покажува дека највисоки цени во Европа имаат нордиските земји и Исланд. Во Норвешка туристичките услуги се поскапи за 34 проценти во споредба со Германија, додека Исланд е убедливо најскапата дестинација со цени за дури 49 проценти повисоки од германскиот просек.
Податоците дополнително потврдуваат дека земјите од Југоисточна Европа остануваат меѓу најатрактивните избори за туристите кои бараат квалитетен и поевтин одмор, а Македонија моментално се издвојува како најповолна туристичка дестинација на континентот според анализата на германската статистика.