Со положување на цвеќе на гробот на Никола Карев во Крушево започна централната манифестација за одбележување на двата Илиндена. Заев кој ја предводеше делегацијата во Крушево рече дека првиот Илинден е симбол на заедничката борба за слободна и автономна Македонија, а вториот на победата над фашизмот.
„Химната и Републиката се заедничкото на Илинденците од двата Илиндена. Хероите од нашата химна, Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Сандански, како и оние од НОБ, опеани во партизанските песни, се бореа за Републиката. И првите Илинденци и вторите, се бореа за иднината, а не за минатото, затоа и ние денеска, сите заедно, сме деца на Илинден“, рече Заев.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери од мемориалниот центар во Пелинце рече дека имаме една држава и дека сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија.
„Моето обраќање во овој дел ќе го именувам како делот Од Илинден до НАТО затоа што сметам дека успехот што го постигнавме во оваа сфера е еден трет Илинден за нашата држава, односно ги цементиравме нејзините темели со уште еден дополнителен слој. Горд сум и задоволен, затоа што конечно ќе биде исполнета првата од двете стратешки цели утврдени по независноста на земјата“, изјави Џафери.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од струшкото село Ташмаруниште порача дека Илинден е и отпорот и пркоста на Тамшаруништа, жилавоста на битолските и охридските комити и војводи, отпорот на секој слободно мислечки Македонец против тогашната власт која како што рече притискала, прогонувала и заробувала.
„А ВМРО, ВМРО е темелот на Илинден, составен дел од таа борба за слобода. И затоа ВМРО му припаѓа на Македонецот. Тоа е неговиот сопатник и пријател низ времето. Вториот Илинден е само продолжение на тоа каде се стигнало со првиот. Партизаните кои го носат пламенот на слободољубието наследен од Илинденците конечно победуваат и ја плаќаат високата цена за денешната слобода“, рече Мицкоски.
Освен во Крушево, на Мечкин Камен, во Пелинце, Скопје и Смилево, каде беа организирани официјалните чествувања, Илинден се одбележува и во останатите градови низ државата. Големиот национален празник го слави и дијаспората.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ