Македонија

Македонија и Србија со заеднички гранични контроли на Табановце – Прешево: Почнува имплементацијата на „One Stop“ системот

Македонија и Србија со заеднички гранични контроли на Табановце – Прешево: Почнува имплементацијата на „One Stop“ системот

Министрите за внатрешни работи на Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ, денеска во Белград го потпишаа договорот за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин Табановце – Прешево за меѓународен патен сообраќај. Со ова се отвора пат за целосна примена на таканаречениот „One Stop“ систем, кој треба значително да го забрза протокот на луѓе и стоки меѓу двете земји.

„Со имплементација на системот очекуваме двојно побрз трансфер на луѓе, а по ратификацијата на договорот ќе започнеме и тест фаза. Целта ни е пред почетокот на летната сезона системот да биде ставен во целосна функција“, изјави министерот Панче Тошковски.

Договорот предвидува полициските службеници на земјата-домаќин да ја спроведуваат и влезната и излезната гранична контрола, што значително ќе ги скрати процедурите и чекањето за патниците. Како што објасни српскиот министер Ивица Дачиќ, секоја земја и понатаму ќе има право да преземе дополнителни мерки при сомнеж за одредени патници.

И двајцата министри ја нагласија добрата билатерална соработка, која ќе продолжи и во други области. И оваа летна сезона се планира размена на полициски службеници: српски полицајци ќе патролираат во Охрид, а македонски ќе учествуваат на настани во Србија, како фестивалот „Exit“.

Освен граничната соработка, се зајакнува и заедничката борба против организираниот криминал и нерегуларната миграција. Според Дачиќ, годинава е забележано 40% намалување на нелегалните преминувања во однос на истиот период лани.

„Соработката ќе продолжи и во делот на борбата против миграцијата, но и во поддршката при вонредни ситуации, како што се пожарите. Србија и досега испраќала хеликоптери и персонал за гаснење пожари во Северна Македонија“, додаде Дачиќ.

Системот „One Stop“ веќе е во функција на граничниот премин Блаце – Елез Хан со Косово, а наскоро ќе се имплементира и со Албанија. Со тоа, Македонија ќе воспостави ваков модел со сите соседни земји што не се членки на Европската Унија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни