Денеска е историски ден, ден кој ретко се случува, ова го изјави амбасадорот на Словенија Милан Јазбец за потпишувањето на протоколот на Македонија за членство во НАТО. Тој на македонскиот народ им го честиташе членството во северноатлантската алијанса.
„Од денеска претставниците на вашата држава ќе бидат на сите седници на работните тела на советот на НАТО ќе бидат присутни, ќе дебатираат. Вашиот премиер веќе е повикан на НАТО самитот и министерката Радмила Шеќеринска и тоа веќе се тече. Тоа е настан за генерациите. Значи еве, добредојдовте во НАТО.. Членството на Македонија е исклучително значајно не само за државата туку и за целиот регион, кој постојано има турбуленции.“, вели Јазбец.
Најголемиот чекор кон стабилноста и развојот на државава е направен со денешното потпишување на пристапниот протокол во НАТО и Македонија ќе има огромни придобивки од членството на сите полиња. Според поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО Нано Ружин покрај дипломатскиот и економскиот особено важен аспект што ќе го имаме со членството во алијансата е безбедносниот.
„Од наскоро еден од аваксите ќе бдее врз границите на Македонија. Значи крај на она прашање наше – ќе не биде или нема да не биде. Ќе не биде бидејќи оваа алијанса ни го гарантира територијалниот интегритет и неповредливоста на границите. Нападот евентуален кон Македонија иако не веруваме во тоа ќе се смета како напад врз НАТО и алијансата во тој случај ќе одговори, тоа е член 5“, изјави Ружин.
Исмет Рамадани од Евроатлантскиот совет вели дека покрај безбедносниот Македонија бенефит ќе има и на економски план.
„Еден дипломат еднаш го прашав што добива со членството во НАТО Македонија, тој ми рече цената на земјата ваша расте за 30 проценти веднаш. Добиваме на економски план затоа што обично големите компании кога ги прават нивните пресметки каде што да вложуваат тие првото прашање го поставуваат дали е членка на НАТО. Затоа што нивниот капитал е побезбеден а тоа значи и ние сме побезбедна земја“. рече Рамадани.
Ружин и Рамадани сепак потсетуваат дека по потпишувањето на пристапниот протокол до членството на Македонија во НАТО сепак треба да помине извесен период за да поминат сите процедури со ратификација на протоколите во сите земји. Ова е јубилејна – 70-та година од постоење на НАТО и се очекува дека до крајот на оваа година ќе бидат завршени сите ратификации и со тоа Македонија и официјално ќе стане 30-та земја членка.
РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА