Започна со потписот на амбасадорот на Албанија, и заврши со потписот на амбасадорот на Соединетите американски држави. 29 земји членки на НАТО, го потпишаа Пристапниот протокол на Македонија за влез во НАТО. Ова значи дека од денеска на тркалезната маса на НАТО, ќе се додаде уште една столица. Таа ќе биде за претставникот на Македонија, кој до полноправното членство, на средбите на НАТО ќе учествува само како гостин. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтемберг, истакна дека зачленувањето во НАТО долгорочно ќе помогне стабилноста, сувереноста и безбедноста.
„Потпишувањето на Пристапниот протокол го обележува започнувањето на ратификацијата. Убеден сум дека овој процес ќе тече како што треба и наскоро ќе можеме да ве пречекаме како полноправна членка. Додека трае процесот на ратификација во главните градови на земјите членки, од вас очекуваме да продолжите со реформите со цел да се зголеми вашиот придонес кон Алијансата“, рече Столтенберг.
Стратегијата да станете дел од НАТО е резултат на работата на многу генерации и задача на ова поколение, рече шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.
„Патувањето не заврши, но веќе нема да чекориме сами. Покрај нас се 29 пријатели и сојузници. Една држава е силна колку својата армија, една држава е силна колку што се демократски нивните институции, но исто така една држава е силна толку колку што има пријатели. Од денеска, мојот народ е навистина многу силен.“, изјави Димитров.
На крајот на потписите, Димитров, како спомен од Столтенберг го зема пенкалото со кое беа ставени 29 потписи на Пристапниот протокол.
Потпишувањето освен во седиштето на НАТО во Брисел, беше дочекано со аплауз и во Скопје.
„Знам дека станува збор за програма за продолжување на реформите кои сте ги започнале, ние сме позитивни дека овој процес ќе биде успешен и дека вашата држава наскоро ќе стане полноправна членка на НАТО.“, рече Јанковиќ.
Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО, откако грчкиот парламент и парламентите на 28 земји членки ќе го ратификуваат Пристапниот протокол кој беше потпишан денеска. По ова стапуваат на сила Уставните измени кои Собранието на Македонија ги изгласа на 11 јануари, кога името на државата и официјално ќе биде Република Северна Македонија. Потоа Македонија и Грција ќе треба да го известат Генералниот секретар на Обединетите Нации и сите меѓународни организации дека двете соседски држави го надминале спорот за името.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ