Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија го одржа Вториот Конгрес на кој присутните 413 делегати едногласно за претседател на партијата во следните четири години го избраа Максим Димитриевски.
Обраќајќи се пред сопартијците, делегатите и гостите на Конгресот, претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски рече:
„Чест ми е да ја преземам оваа одговорност на себе, да ја водам партијата во следните четири години. ЗНАМ е различен од останатите. ЗНАМ е нешто ново, што се роди од граѓаните и работи и ќе работи за и со
граѓаните“.
Димитриевски нагласи дека ЗНАМ покажа дека не е човек партија. За 14 месеци се формирани 53 општински организации и градска организација на Скопје.
„ЗНАМ е производ и резултат на транзицијата. Тој е мотив повеќе за граѓаните. ЗНАМ е сеграѓанско движење да се вратат нештата во нормала во Македонија“.
Тој потенцира дека никој нема да побегне од одговорност и еден ден ќе се знае вистината за Македонија, а ќе се знае и кој ја доведе во ваква состојба.
„Имам намера да го сместам ЗНАМ како респектиран политички субјект на македонската политичка сцена. Нашата идеологија влече корени од Крушево и АСНОМ. Тоа е нашиот завет на којшто се потпираме ние. Сакам на сите да им е јасно дека ЗНАМ не е ниту ВМРО-ДПМНЕ, а уште помалку СДСМ и тоа што остана од него. ЗНАМ е свој со своите и за своите, а своите се граѓаните. ЗНАМ е гласноговорник на народот“.