Куманово повторно му ја довери градоначалничката функција на Максим Димитриевски. Лидерот на движењето ЗНАМ вечерва прогласи победа во вториот круг од локалните избори и најави дека ќе продолжи да ја води општината и во следните четири години.
„Ова е победа на граѓаните на Куманово. Многу сум горд на сите луѓе кои беа вклучени во овој процес, особено на оние кои дадоа сè од себе да се оствари оваа победа. Благодарност до сите кои ми дадоа поддршка, а само што ја примив честитката од мојот противкандидат, за што му благодарам,“ изјави Димитриевски.
Тој упати благодарност и до коалициските партнери кои ја поддржаа неговата кандидатура, особено на ВМРО-ДПМНЕ, и додаде дека пораката од граѓаните за нискиот одзив е јасна и ќе биде сериозно сфатена.