Малта и ја укина визата на портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, пред состанокот на Министерскиот совет на ОБСЕ, објавија денеска московските медиуми.
Ова се случи токму во моментот кога руската делегација се подготвуваше за летот од Москва, се наведува во соопштението на Министерството, во кое се нагласува дека станува збор за „случај без преседан“, бидејќи претходно одобрената виза на Захарова и била укината „пред настанот“.
„Причината беше формулирана на следниов начин: „Поради околности кои се надвор од наша контрола“, се наведува во соопштението и се додава дека руската делегација, предводена од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, ќе посвети посебно внимание на прашањето за одбивање визи за различни настани во рамките на покровителство на ОБСЕ на претстојниот состанок.
Министерскиот совет на ОБСЕ, главното тело за одлучување во организацијата, од 5 до 6 декември ќе го одржи својот 31 состанок во Малта.
Захарова претходно за ТАСС изјави дека Малта треба да обезбеди еднакво учество на сите делегации.