Пратеничката од првиот парламентарен состав на Независна Македонија, Ѓулистана Марковска, во специјалното студио на 4ТВ по повод 35 години независност се осврна на атмосферата во првите години од создавањето на македонската држава и на разликите со денешната политичка сцена.
Марковска вели дека периодот непосредно по осамостојувањето бил исполнет со ентузијазам, идеализам и желба да се создаде нешто што ќе остане како трајно наследство за идните генерации.
„Не верувам дека тој ентузијазам, идеализам, па ако сакате и љубов да се придонесе, да изградите нешто што ќе остане зад вас, ќе се повтори понатаму во Македонија“, истакна Марковска.
Таа направи споредба со денешниот парламентарен амбиент, каде што политичките партии и пратеничките групи често имаат спротивставени ставови и тешко постигнуваат заеднички договор за прашања од поширок национален интерес.
Според неа, првиот парламентарен состав имал особено тешка задача, бидејќи пратениците дејствувале во период на големи политички пресврти и распаѓање на поранешната југословенска федерација.
Марковска нагласи дека првите парламентарни избори биле фер, но дека пратениците имале различни гледишта за начинот на кој требало да се реализира осамостојувањето на Македонија.
„Тоа беа многу бурни и многу магливи времиња, кога секојдневно се менуваа нештата на политичката сцена“, посочи таа, потсетувајќи на воените конфликти во Словенија и Хрватска и на неизвесноста што го следела распадот на СФРЈ.
Токму во такви околности, првиот парламентарен состав ја презел одговорноста да ги постави темелите на независната држава.
Марковска смета дека разликата меѓу тогашниот и денешниот политички период е голема, особено во однос на мотивот со кој се пристапувало кон градењето на државата.
Пред 35 години, според неа, постоела силна желба да се создадат институции и систем што ќе траат, додека денес политичките поделби често го отежнуваат постигнувањето поширок консензус.